Мила Јаневска | Trendseteri
Menu

Мила Јаневска

Сопранот Мила Јаневска со дебитантен настап во театарот „Schönbrunn“ во Виена

 

Една од најистакнатите македонски таленти по соло пеење, сопранот Мила Јаневска наскоро ќе настапи како солист во оперите „Hänsel und Gretel“ (Ивица и Марица) и Волшебната флејта во Schönbrunn театарот, во декември 2017, односно март 2018 година.

Овој театар спаѓа во рамките на замокот Schönbrunn, во кој редовно се одржуваат класични концерти и различни манифестации и настапуваат познати имиња од светот на класичната музика. Операта „Hänsel und Gretel“ е опера за деца од Енгелберт Хумпердинк, во која Мила ја игра улогата на мајката и ќе се изведува во периодот од 11-ти до 14-ти декември, по повод божиќните празници. Моментално течат подготовките и пробите за истата. Операта Волшебната флејта од Моцарт, во која Мила настапува во улогата на втората дама ќе се одржи во текот на март 2018 година.

Мила Јаневска е студент на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, кој е еден од најголемите и најреномираните универзитети во светот од областа на музиката. Мила е студент во класата на професор Габриеле Лехнер, која е звучно име во светот на операта и која има настапувано во главните оперски куќи ширум светот, поседува богато музичко искуство и има соработувано со еминентни музички имиња од областа на операта, како Лучиано Павароти.

Мила Јаневска е дел од многубројните мастер класи по оперско пеење во Австрија, Бугарија, Црна Гора, кои допринесуваат уште повеќе да се усоврши во својата област. Има настапувано како солист со Македонската Филхармонија во 2014 година, а во 2015 година во Музејот на град Скопје го има одржано и својот прв солистички концерт. Настапите во операта во Баден, Австрија (универзитетска продукција на операта ‘Don Giovanni’ од Моцарт), како и настапите во театарот на замокот Schönbrunn во текот на 2015, 2016 и 2017 година се само дел од богатото портфолио на Мила Јаневска. Наградувана е на бројни музички натпревари, како во земјата, така и надвор од неа, меѓу кои: Прва награда – Прва категорија на 17 меѓународен натпревар за соло пеење Никола Цвејич во Рума, Република Србија (2014 година), како и Лауреат по соло пеење на музичката школа Петар Стојанови во Уб, Република Србија (2014 година).