Роби - Телекабел | Trendseteri
Menu

Robert Dimitrov

Успешен бизнисмен, водечки трендсетер – Кратко…Роби-Телекабел

 

Имавме привилегија да добиеме ексклузивно интервју од еден од најуспешните бизнисмени во Македонија, кој воедно е и прв човек на Телекабел, Роберт Димитров, на јавноста познат како трендсетерот Роби-Телекабел. Периодов многу експониран по повод прославувањето на 22 години успешно постоење на Телекабел на пазарот и проширување на бизнисот со мобилна телефонија.

 

-Господине Димитров од минатиот месец започнавте со работење како трет мобилен оператор на пазарот во Македонија, што ве поттикна на таков крупен чекор? 

Р.Д. Во секој бизнис почетокот е најтежок. Но, кога работите ќе ги трасирате по една стабилна нагорна и правилна насока, тогаш идеите сами доаѓаат. Кога ја имате идеата потребна е храбра одлука и квалитетен тим за да таа стане реалност. Телекабел е компанија која 23-та година успева секоја замисла да ја претвори во успешна приказна а секој новитет во телекомуникациите да го донесе по многу прифатливи цени со што тој станува достапен за секој.

Имено, за мобилната телефонија нашите корисници го поставуваа прашањето неколку години наназад- ќе има ли мобилна преку Телекабел, тие сакаат да ги добиваат сите услуги за комуникација на една сметка, да не се врзани со годишни обврзувачки договори, да се сигурни дека тоа што го потрошиле и ќе го платат…

Сите овие прашања ние ги имавме предвид, но бевме свесни дека тоа не е едноставна работа, посебно што за конкуренција имате две големи компании со странски капитал и многу годишно искуство.

Оваа  2019 година сметавме дека сме спремни да ја понудиме новата услуга и еве веќе месец дена од нејзиниот старт работите одат во добра насока. Секојдневно имаме нови корисници, а наскоро ќе имаме и овластени дистрибутери во градовите каде што Телекабел нема свои наплатни центри, со што нашата услуга ќе биде побрзо достапна до сите граѓани во државата.

Ние и со оваа услуга нема да фрламе пари на скапи реклами и големи кампањи. Отсекогаш квалитетот е најголемата реклама на Телекабел. Парите наменети за скапи кампањи и коктели со години наназад, па и сега ги користиме за да купиме некој поквалитетен канал, да дадеме уште некој бенифит на корисниците за истата цена, да помогнеме со некоја донација и да направиме некое добро дело. Затоа и нашите корисници и сограѓани Телекабел го  доживуваат како пријател, за што јас сум многу горд и благодарен. Тоа чувство дека насекаде со почит  те гледаат и како сопственик и како компанија, не се купива со ниедни пари на светот.

Со старата изрека дека среќата ги прати храбрите, полека но сигурно чекориме и се бориме за свое место на пазарот.

Тие што се наши корисници добро знаат за квалитетот на нашите услуги. Вработените се целосно посветени на работата и тоа е единствената причина зошто ние имаме лојални корисници кои и покрај тоа што немаат обврзувачки договор, со години се наши корисници и не не менуваат. Еднаш со Телекабел, засекогаш со насJ

 

-Иако сите нас не интересира кој е патот до успехот, сакаме повеќе да дознаеме за Роби Телекабел,отколку за бизнисменот Роберт Димитров

Кога се говори за Lifestyle, не се мисли само на забавите и ноќниот живот, туку на начинот на живеење. Како изгледа еден ден на Роби Телекабел? 

Р.Д. Првото нешто што би го препорачал на секого е малку тренинг и многу кардио вежби. Трчањето ми е најбитно од се, додека трчам како да ми се бистри и ослободува мислата и еве искрено ќе кажам дека додека сум трчал ми доаѓале многу нови и убави идеи.

Денот го почнувам со кафе во канцеларија и комуникација со колегите околу тековните работи. Нашата работа е доста динамична, секој ден има некои настани и обично работниот ден не ни е доволен  за да ги искоментираме сите случкиJ .

После работа заминувам со друштво на кафе и продолжуваме на по една чаша вино, а вечерта е резервирана за спортски активности. Така е претежно преку работната  недела, а викендите не пропуштам да излеземе со пријателите,да си поминеме убаво, на убавата забава никогаш и нема крај 😉

 

– Живеете на релација Скопје – Штип  – Солун, каде ви е најпријатно, а каде најзабавно?

Р.Д.  Па да, често сум во движење и тоа ме прави среќен, нови места , нови луѓе, убави моменти… прашањето беше каде ми е најпријатно а каде најзабавно.

Најпријатно секогаш ми е кај моjата фамилија и маминиот ручек во Штип, така да тоа е незаменливо. Иако не е често, но затоа пак секогаш е послатко.

А најзабавно….,  зависи кој период од годината е, и каде сум. Пример, последната недела од декември  традиционално одиме на скијање во Австрија, а журките „aprè ski“ се многу убави и уживаме во тие моменти. Фебруари и март последните 8 години ми беа резервирани за Мајами најмалку  30-тина дена. Но оваа година ќе го прескокнам Мајами и ако се најдат 10-тина дена слободни  би отишол за прв пат на Тајланд. Па доаѓа лето, а тогаш сум на море цело лето. Повеќе во Полихроно, а по неколку денови поминувам и на различни грчки острови. Сакам сонце и плажи, таму ги полнам батериите, трчање на плажа, здрава храна, малку „Party“ и се раѓат нови идеи, нови планови и на есен продолжуваме понатаму…

 

-Тие што ве следат по социјалните мрежи, често ве гледаат кај јужниот сосед. Покрај ноќниот живот, што е тоа што ве привлекува за честото патување во Грција? 

Р.Д.  Телекабел ми наполни во Јануари 22 години. Среќен сум што создадов  една успешна компанија со многу задоволни колеги, дел од нив се од самиот почеток со мене. Исто задоволство е да имате со години задоволни корисници на кои секојдневно бројот  и се зголемува. Со Телекабел растевме и се  ширевме со години низ Македонија по градовите, постигнавме големи резултати со чесна, одговорна работа, имаме многу награди и признанија, ќе набројам неколку побитни 3 пати Superbrends, 4 пати Stubrends, 2 пати Best Buy Awards, повеќе од 10 години во 200-те најуспешни компании во Македонија, од кои последните 5-6 во 100-те најуспешни, многу признанија од oпштини и институции за општествено одговорна компанија… 🙂

Пред 7-8 години ми се родија  нови идеи, убави замисли за нови  проекти надвор од нашата држава и така го прифатив тој ризик и предизвик па направив исчекор со   проширување на  бизнисот и надвор од нашата држава, во соседна Грција.

Тоа е она што ме поврзува и привлекува во Грција – работа, нова средина, нови пријатели, нова култура, море, бизнис, а животот е поубав кога е исполнет кога во него има од се по нешто.

-Колку вашиот активен живот дозволува приватност? 

Р.Д. Знаете како, нема да се пожалам на тоа, како што напоменав претходно, често сум во движење по други држави, нови места каде никој не те познава и не те ни приметуваат кој си и што си. Да бидам искрен тоа многу ми се допаѓа ,се чуствувам  поопуштено и слободно кога сум анонимус, некој од многуте таму некаде…. 🙂 

Кај нас луѓето ме знаат, но и тоа не ми прави проблем, напротив има задоволство и во тоа. Ќе те сретнат ќе ти кажат за нивните маки, ќе споделат некој настан, ќе побистриме политика, помладите ќе споделат некоја случка од Angels Cafe, некој портал ќе пренесе по некој текст и слика па денот ќе ти го исполни секој со по нешто. Се си има своја убавина и се е полесно кога работите ги гледаш позитивно. Во овие години со тоа животно искуство што го имам, на сите работи гледам позитивно и од се сакам да извлечам само добро. Јас не сум јавна фаца, ама па на никој не му е лошо ако луѓето го препознаваат, почитуваат и поздравуваат.

 

-Постојано сте стилски облечен и ги следите модните трендови. Без оглед на тоа дали сте на плажа во лето, или на снег со Богнер ски одело. Нас не интересира каде црпите идеи и каде се облекува Роби-Телекабел? 

Р.Д.  Не треба многу да сте паметен за да знаете што е добро и убаво. Ако шетате по убавите места низ Европа (а јас сум постојано таму некаде), по убави клубови и ресторани ќе ги видете најмодерните работи кои се носат и веке сте на правиот пат за вашиот избор 😉 . Најбитно ми е тоа што го носам да ми се допаѓа и според мене фино да ми стои. Не ми е битно од кој бренд е, битно е да се чувствувам добро во него.

Среќен сум што со мојата работа можам да си дозволам како што вие рековте: да сум стилски облечен. Ви благодарам на комплиментите 🙂  

 

-Прашање кое сите трендсетери во Македонија ги интересира, до каде е Angels Cafe? 

Р.Д.  Веќе е при крај.

Се надевам до крајот на април ќе бидеме спремни за отворање. Ова реновирање се задоцни многу, но верувале или не се беше извадено до последна плочка и ѕид. Дури го извадивме и  „Мостот“ кој беше симбол за ново урбано живеење во Штип кој тежеше 11 тона. Не сакавме ништо да е исто како стариот локал, иако од него сите имаме  преубави спомени.

Сега ќе биде  сосема во друг стил, со тотално нов распоред  внатре и надвор. Се надевам дека сите ќе бидат воодушевени со енергијата и душата која ќе ја има овој „Angels Cafe“. Таа енергија и љубов која јас и мојот тим ја даваме за секоја работа, на крај ни се враќа само со убавини.

За отворањето веќе ми се најавени најмалку 5 DJ-и од странство кои ќе дојдат од респект да пуштаат музика. До отворањето ќе договориме уште некој DJ.

Веќе и името на забавата го имаме и ќе го откријам за вас: OPENING FIESTA…

Крајот на Април повторно сите патишта ќе водат во Штип. Ќе биде како и сите досегашни настани во Анѓелс кафе- тематска забава осмислена до последен детал, незаборавно, прекрасно… Тоа го должиме на сите наши посетители кои со години чекаат отварање на Анѓелс кафе.

Еве уште сега ве поканувам на убава дружба и на една незаборавна вечер….

 

Останува да Ви посакаме сè најдобро и уште многу успешни проекти!


Robi-Telekabel @instagram