Затемнување на Месечината | Trendseteri
Menu

Затемнување на Месечината

Тотално затемнување на Месечината на 27.07.2018г.

 

За сите вас кои ми пишавте деновиве што да правите и каде да се скриете од Месечината како да е во моја сопственост, повелете одговори на вашите прашања.

На 27.07.18 г. во 22:22 часот по локално сметање на времето ќе се случи тотално затемнување на Месечината. Затемнувањето на кое ќе бидеме сведоци вечерва, ќе биде најдолгото затемнување во 21ви век. Затемнувањето или еклипсата ќе трае речиси 2 часа, почнувајќи во временска рамка од 21 часот, па се до сабота изутрина. Затемнувањето и оваа година ќе се случи во знакот на Водолија, но разликата е што овој пат ќе биде веднаш до Марс, па поради составот и бојата на оваа планета, Месечината ќе добие црвеникава боја и затоа ја најавуваат како „крвава Месечина“. Истовремено, во текот на затемнувањето достапни и видливи за набљудување ќе бидат и Венера, Јупитер и Сатурн. Оваа еклипса ќе биде проследена со низа напнати и агресивни аспекти, како што се квадратите меѓу Уран, Марс и Месечината, кои само ќе ја надополнат и онака нестабилната слика во овој период.

Внимавајте на остри предмети. Внимавајте на остри зборови. Внимавајте во сообраќај. Внимавајте при работа со електричн апарати и сè што може да предизвика експлозија, пожар и изгореници. Внимавајте деновиве кој ќе ве побара за услуга… Внимавајте на информациите кои стигаат до вас.

Во пресрет на затемнувања се соочуваме со оние кои немаат искрени и чесни намери со нас…

Всушност оваа фаза е започната од 13ти Јули кога се случи првата еклипса за овој летен период. Сè до крајот на летото се смета дека не е поволно да започнувате било што, што очекувате да вроди со плод и долгорочно да трае. Наспроти оваа состојба, брзите и краткорочни планови се единствено подложни на реализација овие денови.

Еклипсите редовно најавуваат негативни случувања, независно дали станува збор на глобален или индивидуален план. Збориме за една состојба кога во ваквите фази доаѓа до кулминација на она што не сме го направиле правилно, чесно и искрено.

Овие денови најпогодени ќе бидат оние кои се на позиција, особено оние кои на нечесен начин стигнале до истата. Понатаму, зголемена најава за бракоразводни парници, како и пукање на оние емотивни односи кои веќе подолго се на тенок мраз.

Во овие денови плачеме без причина, а самите знаеме дека постои. Во овие денови сме гладни за кавга. Во овие денови не внимаваме на чувствата на другите, за сметка на своите. Во овие денови сме сами, иако сме опколени со куп луѓе. Ова е состојба која не враќа на старо (во моментов на небото имаме 5 ретроградни планети). Ова е состојба која ја истакнува потребата за успех по секоја цена (еклипсата е на распон Водолија-Лав па ќе дојде до побуна меѓу тоа да се биде авторитет и да се избие на позиција, а истовремено да се ослободиме од притисоците кои истите ни ги наметнуваат). Ова е состојба која не потсетува на личното незадоволство и неуспех. Но ова е и лажна состојба на безизлезност. Ова се оние денови кога го забележуваме само она што ни недостига.

* Астролошки анализирано, затемнувањата или еклипсите се случуваат кога Сонцето и Месечината се доближуваат до Месечевите јазли (фиктивни точки во наталната карта кои меѓудругото укажуваат на кармичката мисија на поединецот, како и неговата задача во овој живот, и се секогаш опозитно поставени – северен наспроти јужен месечев јазол)… На овој начин ја препознаваме оваа појава во наталната карта.

*Затемнување на Сонцето се случува во фаза на млада Месчина при што Сонцето е до Северниот месечев јазол, додека затемнувањето на Месечината се случува на полна месечина и е во близина на Јужниот месечев јазол. Оваа состојба нè потсетува на нашите слаби точки, особено на она што го губиме а не сме подготвени на тоа. Одложете ги кардиналните, важните чекори и планови за периодот после септември, бидејќи сè до крајот на август небото ќе биде оптеретено со деструктивни аспекти меѓу кои уште две затемнувања на 11ти и 25ти август, кои ќе доведат до спречување на реализацијата на она што го сакаме.

*Не вртете се назад – се прават брчки на вратот. И не планирајте да се наспиете, затоа што затемнувањето е секогаш во фаза на полна Месечина која и во редовните фази не ни дава да спиеме.

*Имајте на ум дека ниту едно планетарно движење не може да донесе нешто што вие веќе не го поседувате, па така и затемнувањата нема да донесат зло или негативни настани доколку во периодот пред точно 6 мсеци и сега кога затемнувањето е активно, свесно и со умисла не сте исфорсирале нешто.

*Затоа и постојат овие предупредувања, да во тие периоди не иницирате клучни одлуки. Суштината е дека зачетокот и раѓањето на нешто ново не треба да биде во денови на затемнувања.

*Астрологијата и астролошките прогнози не се фатализам – туку начин да го избегнете истиот.
Запомнете: Вие сте она што мислите…Вие сте она што зборите… Вие сте она што другите го чувствуваат покрај вас

… Ве сака Тамара до Јупитер