Месец на Лавовите – Хороскоп со Тамара | | Trendseteri
Menu

Месец на Лавовите – Хороскоп со Тамара

Месец на Лавовите -Хороскоп со Тамара Грујовиќ

 

 

Во епицентарот на Универзумот или Лав во хороскоп!

Аплауз!!!
Благодарам.
Сега може да започнеме…
Оној момент кога Творецот одлучил да биде дарежлив – го создал Лавот. Оној момент кога Творецот одлучил да биде креативен – го создал Лавот. Оној момент кога сакал да ги заштити послабите – го создал Лавот. Оној момент кога е создадена суперлативната префиксација – сигурно било во чест на Лавот.

Ова е луксуз.
Ова е гламур.
Ова е раскош.
Ова е надменост.
Ова е екстраваганција од секој агол.
Ова е и ароганција.
Ќе кажев и елеганција, но таа не двои, а Лавот да се издвојува сака…
Да не дојде до забуна – ова се оние ликови кои секако остануваат забележани.

Ова е престол. Ова е орден. Ова е медал – исклучиво златен. Престолонаследник, поглавар, победник, генерал, крал, претседател, директор, шеф, државна елита, симбол на секој моќен… или потисната амбиција (свесна или не) за истоимените ликови. Ова е триумф и секое место каде триумфот се слави. Ова е идолопоклонство. Ова е претерување.

Ова е насмевка.
Ова е најубавата насмевка. Ова е гласна смеа. Ова е онаа насмевка која ви ја топли душата. Ова е весела личност која ви ја топли душата. Ова е личност која до последен здив на животот му се радува. Ова е и личност која сѐ ќе направи да ги израдува оние кои ги сака. Понекогаш и оние кои не ги сака – секако, затоа што и во ваквите околности наоѓаат начин да се издигнат над непријателот или ако сакате поедноставно – над егото. Ова е личност која ужива да подарува. Дава безрезервно, како последна прилика да е да усреќи некого.

Затоа се ова уметници.
Затоа се ова писатели.
Затоа се ова глумци (во отсуство на оваа професија, си глумат рекреативно).
Затоа се ова личности кои преку своите дела се даваат.

Да се разбереме, ова се ПОЗНАТИ уметници, ПОЗНАТИ писатели и ПОЗНАТИ глумци. Просек е последно нешто што на ум им паѓа да го достигнат.

Дури и да не се медиумски експонирани, тие се омилени во друштво, омилени во кругот на луѓето со кои поминуваат време. Ама тоа се и оние кои се најгласни и оние на кои зборењето во прво лице им е императив. Оние кои под импулс реагираат и се во состојба по брза постапка да ве покосат со аргументи. Исто и оние кои немаат комплекс туѓиот интелект да го уважат.
Ова се оние ликови кои никогаш нема да најдат пари на улица, нормално затоа што надолу не гледаат. Оние ликови кои несвесно заземаат централна позиција каде и да се најдат. Ова се и сите жени со огромни ташни. Сите жени со бујна, негувана и неретко црвеникава коса..

Ова се оние “деца” кои Господ со прст ги допрел… Ова се “деца” кои добиваат енормно количество дарови од Универзумот. Ова се неретко и деца кои со лева рака творат.

Ако им дојдете блиску, ќе забележите колку се чувствителни на допир.
Ако им дојдете блиску, ќе видите колку тој допир го избегнуваат за да не се навикнат, па да им недостига.

Без храна можат, без љубов не можат.

Ова е моќна реторика.
Ова е свечен говор.
Ова се говорници чиј глас против автократија прв ќе се крене.
Ова се оние ликови чиј глас во лутина тешко ќе може да го покорите.

Но ова се оние ликови кои ќе ве научат како да се сакате себеси.
А и да направите најдобро селфи 🙂

Ова е и господин и мангуп.
Ова е мангуп со манири.
Ова е галантен галамџија (ако не на дела, со зборови се расфрла сигурно).
Ова е фалбаџија.
Ова е оној господин чие его е полно кога покрај него стои дама.
Ова е оној господин кој истата таа дама сака да е скоцкана од глава до пети.
Во случај да не е, ќе се погрижи тој..
Ова е маж кој сака да копнее по онаа која ја љуби.
Ова е маж кој ќе се погрижи секоја дама во неговиот живот кралица да биде. Барем додека е со него. Барем додека неговите очи ја гледаат…
А во неговите очи не е ништо друго освен владетел на неговото срце.

И не им замерувајте што се способни повеќе жени одеднаш да сакаат.
Не се ни сомневајте дека можат. Исто како што во секоја жена убавина за восхит можат да најдат…

Ова е жена кралица.
Е сега, ова е и жена која тешко ќе се согласи со погореспоменатиот момент кај машкиот свет.
Затоа ова е drama queen.
Ова е жена која блеска…
Ова е жена која е фасцинирана од сѐ што блеска.
Ова е жена со став и стас…
Ова е жена која сака СЀ.
Ова е и жена која ќе ви даде СЀ.
И навистина, светот се во состојба на дланка да ви го дадат…
На вас е само да имате увежбана техника со која константно ќе им се восхитувате.

Само оставете ги. Оставете ги да креираат, да создаваат, да диригираат, да делегираат, да инспирираат…

Оставете ги, но никогаш не ги оставајте 😉
Блескајте гламурозни мои Лавови (знак и подзнак)

Ве сака Тамара до Јупитер
May the Sun shine on you 💖☕

Прв детски саем во Скопје   Park Hotel & Spa

Mесец на лавовите

Месец на Раковите
NOA Lounge Bar - Ohrid