Хороскоп - Месец на водолиите | Trendseteri
Menu

Хороскоп – Месец на Водолиите

Зошто се Водолиите чудни?


Денеска се тука, утре не се. Всушност, тука се тие секој ден, ама не ги гледате. Добро де, како сакате да ги видите кога вчера ветиле на 1476 луѓе дека ќе се видат со нив…? Плус приватноста која е императив. Па прекраток е денот. Би сакале и тие секаде да бидат, ама денот трае само 24 часа, за жал… Додуша секаде и ќе ги видите, само покрај себе НЕ. Дома па, ич…

А Водолијата ве сака сите… Само нема време…

Немаат време ниту за тривијални, испразни и дегутантни дискусии. Тоа никако. Сè што нема приказна – не им го ни пренесувајте. Малициозни сте – исчезнете. Сè што нема визија – не ги интересира. Сè што не им го буди адреналинот – не им држи внимание. Сè што обврзува, ограничува и најавува времетраење над кое немаат контрола – ги избезумува. Па така веројатно и копчето за катапултирање е во нивна чест создадено… 

Ова е астролог.
Ова е астрологија.
И дадов предност, но ова е и астрономија.
Ова е секоја наука чијшто корен и суштина е егзактноста.
Ова е авангарда.
Ова е најнова технологија.
Ова е дигитална фотографија.
И брилијантен ум.
Ова е програмер.
Но ова е и хакер… добро, за благородни цели, бидејќи нели, Водолиите се хумани

Кога веќе ја споменав хуманоста, омилени места каде што сакаат да се појавуваат се настани од хуманитарен карактер. И хумани се, само претеруваат во потенцирањето на истоименото. Една Девица, Бик или Риба ќе помогне повеќе ама нема да го истакнува тоа како Водолијата или Лавот, на пример… Но ова е реална личност. Личност која без проблем ќе ве спушти на земја и на најмал знак на потценување на нивниот интелект.

Ова е личност која секогаш ќе биде импресионирана од гение.
Ова е гение химселф.
Ова е елоквенција во движење.
Ова е екстрем.
Ова е хазардер.
Ова е Дон Кихот на современото живеење.
Ова се и ветерниците, вечните ривали…
Ова се сите заедници на модерното живеење, ослободени од предрасуди.
Ова се сите зборови со префиксација „контра“.
Ова е опонент.
Ова е и опозиција.

Не е важно зошто, важно е дека во природата на карактерот им е да не се согласат од прва на она што им се пласира, кажува или недај Боже наредува. Ова се револуционери, двигатели, мотиватори. Ова е личност која искрено ќе се воодушеви на новост, на идеја. Личност која со своите совети ќе потпомогне таа идеја да стане реализација. Личност која се радува на успех. Личност која се восхитува на интелектот и мудрата реч. Кога би знаеле другите колку потајно копнеат по истиот тој третман. Ова е пријател. Вистински пријател. Ова е пријател кој има многу пријатели. И не бара многу. Не ни очекува многу. Најголемите очекувања ги има од себе. Па така и најголемите критики ги упатува токму кон себе. 

Редовно се ова црни овци во поширокиот круг на фамилијата. Оние несфатените. Но, секогаш оние на кои им се обраќате кога ќе се најдете во тесно и од кои ќе добиете помош. Но ова се и сите оние идеалисти кои обезглавено стремат кон својата замисла не прашувајќи колку треба, нит па давајќи објаснување зошто треба.

Нема време ни за ласкање… Демагогија? Немате потреба да одите на таа варијанта. Немате потреба ниту двосмислено да им се обраќате. Не читаат меѓу редови. Затоа што постојат редови.. Не знам што не ви е јасно… 

Она што ги мачи е неможноста да се посветат само на една личност. Како што ги измачува и моментот дека постои ноќ… Не ја сакаат. Затоа што сурово ги потсетува кога се сами. А не сакаат ни да се сами… Или пак, веруваат дека немаат време да се сами… Да се вратиме на посветеноста… Како ѓавол да ги гони ако се фокусираат на една личност… Едноставно не им оди на тој план. Едноставно немаат ни самите одговор на тоа… Едноставно… не ги ни прашувајте!!! 

Зошто?

Затоа што им е тесно во сопствената кожа.
Затоа што им е тесен секој обележан и ограничен простор.
Затоа што немаат време да ве слушаат како се жалите.
Затоа што се зафатени градејќи свои кули… некогаш и во воздух, ама нивни се.
Затоа што никогаш не се вртат назад.
Затоа што секогаш ќе кажат што мислат.

Можеби затоа ви се чудни.
Можеби и сè…
Можеби затоа се свои

 

 

Хороскопот го пишува Тамара Грујовиќ