Месец на биковите | Trendseteri
Menu

Месец на биковите

Хороскоп за месецот на биковите

 

Ова е непокорна волја.
Ова е неуморна волја.
И ова не е тврдоглавост. Ова е упорност. Упорност на која може да и позавидиме. Голема е разликата од самоуништувачкото однесување, до трпението да се истрае. Од Биковите учиме за трпението. Од Биковите учиме за толеранција и разбирање. Од Биковите учиме да уживаме. Од Биковите учиме да посакувме многу. Да се цениме себеси и да сме реални дури и кога реалноста не ни се допаѓа.

Од Биковите учиме и да успориме. Добро, малку повеќе да успориме…

Кога гледате во еден Бик ќе видите немирни очи со боја на костен кои се гладни за убавина… Ќе видите преубава насмевка и полна уста жедна за мудрост. Ќе забележите умерен интелект од кој честопати се срамат, па последни ќе прозборат… Ќе видите глад за љубов. Да. Јадат кога за љубов се гладни.

Веројатно теоријата дека љубовта доаѓа преку стомакот ја измислил некој во овој хороскопски знак. А кога сме кај теориите веројатно повеќето се создадени во нивна чест. Затоа што нели, аргумент треба, во спротивно, доверба нема.

Ова се боеми. Ова се уживатели на сѐ што е вкусно и убаво.
Ова е топол дом и постојана желба за тоа.
Ова е раскошна трпеза.
Ова е и раскошен глас.
Ова е глас кој смирува.
Ова е песна што душа топли.
Ова е мелодија што спокој дава.
Ова се оние чиј талент собира луѓе околу себе.

Кога гледате во еден Бик, гледате една налудничава смиреност од која морници лазат. Истрајност која нема лимит. Упорност која нема граница. А кога сме кај границите – ги сакаат, за да ги поместат, се разбира. И никогаш нема да забележите дека ги пречекориле, затоа што беспрекорно внимаваат и затоа што никогаш нема да ги чуете како се фалат и го потенцираат тоа.

Но ова се и оние кои моќ над материјалното сакаат да имаат, за да истата ја раздадат… Ова е слика на секоја машка фигура која тежнее кон статус, кон чувството да поседува, па оттаму и посакувана машка фигура во перцепцијата на понежните претставнички на овој знак.

Ова е слика на живописна природа. Слика на раскошни полиња. Ова е слика на ресторан покрај вода, и секако Бик кој ужива во таа глетка, по можност во ресторанот. Ова се сите заоблени детали, делови, предмети и секако Бик кој поминува и ги бутка или од раце му испаѓаат…

Ова е жена која потреба за допир има.
Ова е жена која ќе ве затрупа со подароци кога е среќна.
Ова е жена која ќе ве прејаде како да нема утре.
Ова е жена која од глад стравува.
Ова е жена која на сите животни фази им се радува.
Ова е жена која трпеливо чека.
Ова е лојална жена.

Ова се потомци на сите оние кои на уметноста и се поклонуваат, потомци на оние кои знаат својот труд да го наплатат. Ова се сите банкари, благајници, проценители, економисти, градители и умни глави чиј збор е последен. Ова се и сите наследници на имот, најчесто во земја за обработка. Неретко се ова оние членови во семејството на кои паѓа товарот на финансиската одговорност.

Ова е маж кој е коректен.
Ова е стабилен маж.
Ова е галантен маж.
Маж кога треба да биде маж.
Другар кога треба да биде другар.
Добар син и пожртвуван сопруг.
Но, ова се сите мажи кои на женски облини да одолеат не знаат.
Ова е маж кој за доста не знае.

Ова се оние кои да мразат не знаат. Оние кои од расправии бегаат. Оние кои и од обврски бегаат. Оние кои на нагли промени отпор даваат. Оние кои својата комфорна зона и рутина себично ги чуваат. Оние кои всушност сѐ што е нивно, себично го чуваат. Но ова се и оние чие мрзоволие од такт може да ве извади. Ова се оние кои кога интерес ќе изгубат, буквално со нула ве множат.

Ова е притаена страст. Ерос кој во гестикулации и движење треба да го барате.

Ова се и сите оние кои мирно ќе ве сослушаат, ќе ве гледаат со разбирање, ќе одвојат време за она што имате да им го кажете, нема да ви противречат, ќе остават впечаток дека сте сосема во право, дека можеби сте ги разувериле, ќе се завртат и пак ќе си постапат онака како тие си наумиле…

Ова се оние кои на животот му наздравуваат…

Од Биковите учиме да застанеме, но никогаш да престанеме.

 

–  Хороскоп на Тамара Грујовиќ  –