Децата немаат детство! | Trendseteri
Menu

Децата немаат детство!

Со преголеми очекувања им го крадеме детството


Да се стане родител е една од најубавите и најодговорни животни улоги. А детето? Па тоа уште додека е во матката е опсипувано со неизмерна љубов, внимание, грижа. Ако продолжам понатаму, со очекувања, со идеи, со уверувања. Па така на уште неродено дете му се става тежина од очекувања на раменцата: да биде гениј, да биде доктор, можеби адвокат, или пак политичар кој ќе го смени светот, да биде послушно, да има светло сини накај тиркизни очи, да има локни, многу високо да биде, никако со покачена тежина, да научи минимум два странски јазика пред да наполни пет години, да не плаче, да биде насмеано постојано, да има многу таленти, да ги има собрано само најдобрите гени од родителите… Да продолжам? Да научи да чита пред да тргне во училиште, да има богат вокабулар, да знае да ракува со технологија.

Сето ова е нормално, сите родители очекуваат нешто од своето дете. Ама што се случува кога во тоа ќе се претера? Секое дете е автентично само за себе, во текот на својот раст и развој формира свој селф (секако различен од оној на родителите) и во тој процес оди со брзина која што ние можеме позитивно да ја поткрепиме, но не и да ја форсираме.

Генерален проблем- ДЕЦАТА НЕМААТ ДЕТСТВО!
Втор генерален проблем кој што се надоврзува на првиот – РАЗОЧАРАНИ РОДИТЕЛИ!

Децата немаат време да уживаат во своето детство, уште од најмала возраст се оптоварени со најразлични активности, со цел да се направи прототип на совршено дете. А што раѓа тоа? Дете кое е одлично во некоја област за неговата возраст, но во меѓувреме, не трпи фрустрации, тешко се социјализира, често е незадоволно, настојува да се самокритикува. А што се случува со родителот? Задоволен е додека детето е одлично и покажува интерес- кога тоа ќе заврши родителот е фрустиран и често се упатува забелешка- ТИ НЕ ЗНАЕШ ШТО САКАШ, ОД ТЕБЕ ЧОВЕК НЕ БИДНУВА, КАКО ДА НЕ СИ МОЕ ДЕТЕ…

Што мислите каква порака им се упатува со овие зборови? Како овие зборови ќе влијаат на формирањето на сликата за себе што ќе ја развиваат децата? Ке заборават ли што сте рекле?

Ова е ситуација во која што навидум родителот е тој што ја има контролата. Зборувам навидум, затоа што детето е тоа што ја држи моќта во оваа мрежа на родителство.

“Многу плачеше па морав да и купам телефон (5 год.)”
“Не сака да оди во градинка ако мора да облече облека што ја носела веќе еднаш таа недела (4 год.)”
“Ако не седи на таблет, има страшни тантруми (5,5 год)”
Ова се само дел од жалбите на родителите кои што ги слушам секојдневно. А што се случува подоцна?
Губат контрола.

Не важи ниту едно правило кое што родителот ќе го воведе.
Се тестираат нивните граници, се додека не станат попустливи.
Резултат на тоа?

Децата се задоволни, а родителите немоќни.

Извор: Мој психолог