Новото „Audi A8“ | Trendseteri
Menu

Новото „Audi A8“

Новото Audi A8 фасцинантно од секој агол

 

Четвртата генерација на Audi A8 го покажа носот уште во 2014 година, преку студијата Prologue. Новиот изглед наиде на одобрување, на Audi конечно требаше да му се случи дизајнерска пресвртница. Знаменосецот е тука, заедно со сите стилски обележја на првиот од серијата концепти Prologue.

Марк Лихте е главниот „инженер“ во Audi во моментов. Новиот дизајнер секако дека не задира во техниката, неговиот инженеринг е новиот изглед на марката од Инголштат. Критичарите и публиката долго време негодуваа околу зачмаеноста на дизајнот, кој полека почна да подзамирисува како застојана вода. Дека дизајнот пали и кај арогантно одгоените премиум марки, докажа Mercedes. Таму се случи комплетна стилска трансформација, безмалку препишување на историјата. Трите краци моментно ги носат најмногу автомобили од премиум сегментот.

Техниката на Audi A8 напредуваше, дизајнот мируваше

Audi A8. Легенда, технолошка авангарда, роден како спортска лимузина со префинети манири, којашто во средината на 90-те ги фати на препад „седумката“ на БМВ и S-Класата на Мерцедес кога се појави со алуминиумска каросерија. Оттогаш минаа повеќе од две децении. Техниката напредуваше, дизајнот стагнираше.

Лихте е човекот што има задача погледите на јавноста да ги насочи кон техниката на Audi. Поточно, да ги врати. Во „Vorsprung durch Technik“ повеќе никој не верува ако нема видлив доказ за тоа. Во дизајнот, особено. Лихте го објаснува изгледот на новото A8: „Тој го отелотворува нашето ново разбирање на луксузот и престижот. Маркантната линија со големата и исправена маска, заедно со еднаквото нагласување на сите четири тркала, ја пренесува самоувереноста на луксузната лимузина нанадвор.“

Револуцијата се случи, иако последиците не се толку очигледни. Audi A8 сепак е знаменосец на марката, неговата клиентела е сериозна и благородна. Тука не може да се очекуваат слободарии како кај Q2, разликите повеќе треба да се бараат во деталите. Директната споредба со изгледот на Prologue на првиот од серијата концепти што го најави стилскиот препород во Audi – открива дека серискиот модел испочитувал барем девет десетини од концептниот автомобил. Во дизајнерскиот говор на Audi A8 се зборува за спортска нота, лесна конструкција и погон quattro. Прво се забележува развлечената и исправена маска, која веќе ги има отфрлено сите траги од „јарешката брадичка“. Поставена ниско, таа ги поставува реперите од коишто почнуваат светлата. При доплата за матрични диодни светла со висока резолуција, ламелите што имаат фунција на дневно светло се надоврзуваат во иста линија со највисоката ламела во маската. Најголемата отстапка од Prologue е во големината на светлата. И заканувачкиот поглед е прикриен. Има додадено и многу хром.

Ниската појасна линија прави Audi A8 да изгледа лесно

Страничната силуета е речиси идентична кај Prologue и салонскиот A8, иако концептот беше креиран како луксузно купе со две врати. Како што објасни Лихте, предните и задните тркала се нагласени подеднакво. Тоа треба да укаже на гените од quattro, да ја оправда спортската странична линија. Пријатно освежување е нискиот долен раб на прозорците, на „линијата на појасот“. Audi A8 не изгледа како германски тенк, туку оддава впечаток на лесен чекор. Завршниот мајсторски потег е работ веднаш под прозорците, којшто се протега по целата каросерија. Во слична форма, тој се забележува и кај Prologue. Типично за Audi,праговите се исфрлени нанадвор. Повторно типично, масивниот трет прозорец.

Опашот не е „заборавен“, напротив. Тука е завршната точка во изведбата на новиот дизајнер. Задниот дел од наведнат нанапред и дава впечаток како лимузината да се движи додека стои во место. Главниот трик е во светлечката лента по целата ширина, со дебела хромирана рамка во средина. Мошне благородно.

Дизајнот е жив во новиот A8. Тоа е ефектот од анимираните фунции на светлосните елементи. При отклучување, една светлечка точка во предните светла се движи однадвор кон внатре, потоа светнува сина диода, за на крај позициските светла да се вклучат постепено однатре кон надвор. Уште поимпресивни ефекти имаат задните светла со органски светлечки диоди. Тоа е веќе филм.

Текстот е превземен од automedia.mk